Компанијата „М-тел“, членка на Телеком Србија групацијата, е новиот оператор на пазарот на мобилна телефонија и интернет во државава, со понуда на припејд и постпејд тарифи за кои ќе го користи префиксот 073.
Ќе работи преку мрежата на А1 Македонија со сигнал на територија на цела држава. Раководството на „М-тел“ најави нови работни места, откако пред една година влезе на македонскиот пазар со продажба на сателитска телевизија.
–Веќе имаме 80 вработени и ќе отвориме многу работни места. Посветени сме да ги пронајдеме и вработиме најдобрите стручњаци и сигурен сум дека за брзо време овој број ќе го удвоиме. Планираме да ги вратиме во мода припејд тарифите, бидејќи не сакаме да ги врзуваме корисниците со 24 месечени договори, рече Владимир Лучиќ, генерален директор на Телеком Србија групацијата.
Марко Лопичиќ, генерален директор на Мтел Македонија, информираше дека компанијата во својата понуда има припејд и постпејд тарифи, како и комбинирани пакети услуги од мобилна телефонија, интернет и сателитска телевизија.