Во изминатите десет години направени се 32 интервенции на постоечкиот изборен законик, од кои 14 се за спроведување на рекламирањето на партиите, а интересно е тоа што за носењето на ниту една измена не била организирана јавна расправа.

Како што соопшти на денешната седница Катица Николовска, членка на ДКСК, и оваа изборна година беа извршени измени во Изборниот законик непосредно пред самите избори.

Поаѓајќи од многу честа промена на Изборниот законик која се случува непосредно пред започнување на изборниот процес, не поттикна да истражиме што е тоа и што се менува во Изборниот законик – посочи Николовска.

Таа констатираше дека од кога е донесен основниот текст на овој Изборен законик што е во сила од 2006 година, вкупно 32 пати се констатирани интервенции, од кои 22 измени се измени и дополнувања на законот, четири измени се врз основа на одлуки на Уставен суд со кој што се укинуваат одредени одредби, два пати измените се однесуваат на пролонгирање на рокови за одржување на избори, и четири пати се извршени само технички корекции од одредени членови.

Како што рече, најголем број промени претрпеле одредбите од спроведувањето на изборната кампања.

Дури 14 пати тоа се однесува на ракламирање, финансирање и известување, што од една страна создава несигурност и неизвесност во постапувањето на засегнатите страни на изборниот процес, а во јавноста се јавува сомнеж дека политички партии и спротиставените политички идеологии секогаш имаат ист став и заеднички интерес кога постои можност измените да овозможат доволни извори на финансирање на изборната кампања, подобра позиција и позитивен исход од изборите – додаде Николовска.

Во однос на времето кога се направени измените и датумот на одржување на изборите, членовите на ДКСК констатирале дека во последните десет години измените се вршат многу кратко време, непосредно пред донесување на решенето за распишување на изборите, а за овие последни локални избори измените беа направени 41 ден по донесување на решението за распишување на изборите од страна на претседателот на Собранието.