Турскиот министер за финансии Берат Албајрак, кој е и зет на претседателот Реџеп Таип Ердоган, на Инстаграм објави дека се повлекува од таа позиција со цел да помине повеќе време со своето семејство, пренесува Аксиос.

Турскиот претседател Ердоган ја прифати одлуката на неговиот зет по повеќемесечните критики за неговото управување со турската економија и падот на вредноста на лирата.

Албајрак претседаваше со состанок зад затворени врати со инвеститори на состаноците на ММФ и Светска банка во 2019 година, што повеќе извори на Аксиос го опишаа како најлошата средба што некогаш ја имале со висок владин службеник

Ердоган го назначи Лутфи Елван, поранешен вицепремиер и министер за развој кој студирал економија, за нов економски менаџер во земјата.

Доколку Албајрак се оддалечи од политиката целосно, тоа може да предизвика значителна промена во динамиката на моќта во рамките на турската држава, заклучува Фајненшл тајмс.

Многумина во Партијата на правдата и развојот на Ердоган (АКП) веруваа дека 66-годишниот турски претседател, кој ја презеде власта во 2002 година, го подготвува својот зет за политички наследник.

Сепак, тензиите во рамките на АКП околу состојбата на економијата се чини дека предизвикаа немири во најмоќната династија на Турција.

Под водство на Албајрак, централната банка потроши 140 милијарди долари обидувајќи се да ја поддржи турската лира во последните две години, според банкарите на Голдман Сакс.

Валутна интервенција, која силно ги погоди девизните резерви на Турција, сепак не успеа да спречи паѓање на лирата.