Научниците се свртеа кон феноменот на губење на мирисот што често ги погодува луѓето заразени со вирусот корона и направија важно откритие.

Откритието го пренесува Би-Би-Си, а научниците велат дека ова губење на мирис е уникатно и целосно различно од кога чувството за мирис исчезнува поради настинка.
Имено, аносмијата кај Ковид-19 е ненадејна и многу силна. Покрај тоа, тоа не значи и затнат нос. Напротив, повеќето луѓе заразени со ковид можат да дишат нормално преку нос, што не е случај со настинки и грип, пишува Мондо.

Друга работа по што се разликува короната е губењето на вкус. И тоа не е, велат научниците, благо нарушување на вкусот туку луѓето кои страдаат од ковид навистина не можат да разликуваат слатко од горчливо. Овој заклучок научниците го објавија во списанието „Ринологија“ и се сомневаат дека тоа се случува затоа што вирусот влијае на нервните клетки кои се директно вклучени во создавањето вкус и мирис. Тие исто така велат дека секој со овие симптоми треба да се тестира за вирусот корона и дека членовите на неговото семејство ќе мора да се изолираат.

Истражувањето што го покажа ова е спроведено на над 30 волонтери. 10 имале корона, 10 имале настинка и 10 биле целосно здрави.

Тестирајте го сетилото за мирис со кафе, лук , портокали или лимони и шеќер!

Се испоставило дека губењето на сетилото за мирис е поизразено кај луѓето со ковид, а Карл Филот, професор на Универзитетот во Источна Англија, кој го спровел овој тест, вели дека самите луѓе можеле да направат свој мал тест со производи како што се кафе, лук , портокали или лимони и шеќер.

Се разбира, ништо не може да го замени лабораторискиот тест, нагласува тој.