Над 8.500 луѓе во Германија ќе треба повторно да примат вакцина против коронавирус, откако било откриено дека примиле физиолошки раствор наместо вакцина.
– Тоа се вкупно 8.557 луѓе кои можеби не биле целосно или делумно заштитени со вакцинација, иако претпоставувале поинаку – изјави гувернерот на округот Фрисланд, Свен Амбрози.
Локалните власти ги повикаа граѓаните вакцинирани во тој период да се јават за да ја примат вистинската доза од вакцината, за што е отворена и телефонска линија за итни случаи.
Како што беше кажано на прес-конференцијата, постои основано сомнение дека физиолошкиот раствор го применила медицинска сестра вработена во локалниот центар за вакцинација.
Подоцна било утврдено дека физиолошкиот раствор го примале главно луѓе постари од 70 години, кои дошле по нивната доза во периодот помеѓу 5 март и 21 април.
– Бидејќи не знаеме точно колку од нив добиле обичен физиолошки раствор наместо вакцина, бидејќи зборуваме за период од седум недели, им понудивме на сите да ја повторат вакцинацијата – велат од локалниот Кризен штаб.
Скандалозниот случај беше откриен на крајот на април, но се претпоставуваше дека се работи за само шест инјекции исполнети со физиолошки раствор.
Во истрагата за овој случај се приклучи и специјалниот комесар за политички мотивирани злосторства, бидејќи осомничената медицинска сестра на социјалните мрежи сподели критички ставови за вакцинацијата.
Ова не е прв случај на злоупотреба на службена позиција од страна на медицински персонал за стекнување со лична корист.
Скандалот во Германија ги подгреја сомнежите на луѓето во вакцините кои секако се присутни од самата појава на коронавирусот.