Директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Никола Миланов, најави дека институцијата работи на иницијатива за изградба на кафилерија и гробишта за миленици, со цел да се реши долгогодишен проблем поврзан со третманот на починати домашни животни.
Според Миланов, досега во пракса најчесто се случувало миленичињата по угинувањето да бидат оставани од сопствениците на истите депонии каде што се фрла и комуналниот отпад, што претставува сериозен здравствен и еколошки ризик. Тој посочи дека ваквата состојба е недозволива и дека е неопходно системско решение кое ќе биде во согласност со европските стандарди.
Во однос на изградбата на кафилерија, Миланов информираше дека предлогот се разгледува уште од 2019 година, но досега не била утврдена соодветна локација за реализација на проектот. Како што нагласи, во тек се анализи за избор на локација која ќе ги исполнува сите законски, технички и еколошки услови.
Паралелно со тоа, се разгледува и можноста за формирање специјални гробишта за миленици, што би им овозможило на сопствениците достоинствено да се простат од своите животни, без да се нарушува јавната хигиена и животната средина.
Од АХВ најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за следните чекори и роковите за реализација на овие проекти.














