Во животот постојат многу начини да бидете богати – со љубов, со време или со луѓе околу вас. А можете да бидете и толку богати што да поседувате приватен остров. Сега шведската туристичка организација Visit Sweden нуди необична можност – да „додели“ пет приватни острови, со цел да ја сподели шведската перспектива за слобода и одговорност во природата.
Како што изјави генералната директорка Сузан Андерсон, Шведска има повеќе острови од која било друга земја и сака да ги покани луѓето да го искусат најавтентичниот луксуз – мирот и тишината на сопствен остров. Но, иако кампањата се вика „Your Swedish Island“, добитниците нема да станат сопственици. Тие ќе добијат статус на официјални чувари на островот на период од една година, со право да кампуваат, пливаат и престојуваат таму, под услов да ја почитуваат природата и живиот свет.
Бидејќи во Шведска постои законско право на слободен пристап до природата, и други луѓе ќе можат да го посетат островот. Во игра се пет острови – Medbådan, Flisan, Storberget, Tjuvholmen и Marsten – а наградата вклучува повратни авионски билети за две лица. Превозот до островите не е вклучен, па победниците ќе треба сами да организираат кајак или чамец.
За учество потребно е видео до една минута со објаснување зошто токму вие го заслужувате островот. Пријавите траат до 17 април 2026 година, а конкурсот е отворен за сите лица постари од 18 години – освен милијардери. Целта е луксузот да се редефинира како едноставност, тишина и слобода во природата.















