Со денови Македонците во Албанија алармираа дека се под притисок и уцени од Софија да се запишат на претстојниот попис како Бугари и дека им се нудат бугарски пасоши. Пратеникот Стерјовски повеќепати изјави дека Бугарија со закана за вето извршила притисок врз Тирана да признае непостоечко бугарско малцинство, кое е, всушност, македонско.

И претседателот на здружението „Илинден“ од Тирана Никола Ѓурѓај вели дека во Албанија никогаш немало Бугари.

Станува збор за побугарени Македоци и тоа за пари и за други интереси. Тие кои се декларираат како Бугари во Голо Брдо и Гора знаат дека се Македонци, но тоа се лица кои поради материјални интереси сега шират антимакедонска пропаганда. Сето оваа е поврзано и со состојбите помеѓу Македонија и Бугарија и притисоците на Софија за бугаризирање на Македонците – вели Ѓурѓај, кој е политички аналитичар и главен уредник на весникот „Илинден“.

Според него, пропагандата од Софија особено е зајакната откако македонските здруженија во Албанија и партијата МАЕИ побараа од владата на Еди Рама да го прифати барањето Голо Брдо и Гора да се формираат како две нови општини во Албанија со македонско мнозинско население.