Советот на ЕУ даде конечно одобрение за задолжително воведување на единствен полнач за мобилни телефони и други електронски уреди од 2024 година.
-Веќе нема да има потреба да купувате полнач секогаш кога купувате нов мобилен телефон или сличен уред. Полначот кој е компатибилен со повеќе уреди ќе заштеди пари и време и ќе придонесе за намалување на е-отпадот, изјави Советот на ЕУ.
Директивата за еден полнач го воведува USB-C како стандард за електронски уреди во Европската унија. Од 2024 година, сите уреди како мобилни телефони, таблети, е-читачи, дигитални фотоапарати, конзоли за видео игри, слушалки ќе мора да бидат USB-C, што значи дека сите ќе можат да се полнат со ист полнач.
Со цел потрошувачите да знаат што точно купуваат, директивата воведува пиктограм што покажува дали се нуди полнач со новиот уред и етикета што ја покажува ефикасноста на полнењето.
Дополнително, 40 месеци по стапувањето во сила на директивата, тие нови правила ќе важат за сите лаптопи, кои исто така ќе можат да се полнат со уникатен полнач.
Директивата, исто така, им дава на потрошувачите избор да купат нов уред со или без полнач, со што се заштедуваат пари и во исто време се намалува количината на електронски отпад поврзан со производството, транспортот и отстранувањето на полначите.
Иако безжичното полнење станува се попопуларно, сè уште не е усогласено меѓу сите уреди. Со цел оваа технологија да биде подостапна за што е можно повеќе уреди, комисијата ќе работи на стандардизација на безжичното полнење за електронски уреди и интероперабилност врз основа на технолошки развој.