Нарцисоидна личност и покрај тоа што асоцира на личности кои се вљубени во себе, по цел ден се гледаат во огледало или говорат за себе во суперлативи и овој опис делува сосема бенигно, нарцисоизам всушност во психологијата се третира како гранично пореметување на личноста. Нарцисоидните луѓе, може да бидат опасни за околината, особено ако градите блиски социјални релации со нив.

Доколку нарцисот ви е блиска личност, личност од семејството или работата со која секојдневно комуницирате, тогаш се соочувате со личност која сака да ги контролира вашите постапки, вашиот живот, вашето време, вашите одлуки и комуникцијата што ја воспоставувате со другите луѓе.


Зошто нарцисот сака контрола?

Нарцисот е несигурна личност која постојано има потреба од туѓа афирмација на личноста и од другите бара воодушевување. Доколку сте партнер или колега на нарцисот, тој / таа од вас ќе бара постојано да му/и се воодушевувате. Во моментот кога ќе покажете отворена скепса кон нивните зборови и постапки, затоа што најчесто она што нарцисите го говорат за себе извира од нивната идеална, а не реална слика за нив, тогаш тие стануваат агресивни, а вас ве гледаат како смртен непријател.

Нарцисот не сака да губи, па така доколку не ве задржи порај себе со манипулација, тогаш ќе бара по секоја цена да ве задржи преку страв, контрола или наметнување обврска. На нарцисот едноставно не сте му важни вие како личност, ниту вашите емоции кон него/неа. Тие единствено гледаат низ очите на другите и многу се плашат од тоа што другите ќе кажат доколку доживеат пораз во вид на раскид, развод или заминување од работното место.

Што кога ќе наидам на нарцисоидна личност?

Генералниот совет е нарцисите секогаш да ги избегнувате и игнорирате, бидејќи секој блисок контакт со нив може во најмала рака да ви создаде „стрес“, но сите сме свесни дека тоа не е можно. Просто нарцисите се толку размножени во егоистичките општества и тие се буквално „изметот“ на едно егоистично општество, што не е возможно да ги избегнете или да не налетате во животот на нив.

Некогаш нарцисите ги бираме како емотивни, а некогаш како деловни партнери, но и во двата случаи склучуваме пакт со „Фауст“. Но не е се така црно. Кога ќе налетате на нарцисоидна личност, вам ви се активира нагонот за преживување бидејќи нарцисоидните личности сами по себе се опасност. Тие немаат емпатија кон други човечки суштества, па оттаму се подготвени да дојдат до целта без да ги бираат средствата.

Сосема е оправдано да се чувствувате загорзено од нарцисите, но она што ќе го развиете како вештина од нивното присуство во вашиот живот е голема животна лекција која не би можеле да ја совладате без нив. Просто на нив гледајте како на една препрека во животот која доколку ја поминете сте го положиле можеби и најважниот животен тест.

Како да комуницирате со нарцисоидни личности?

Нарцисоидните личности делуваат самоуверено, но тоа е само нивна маска. Длабоко во себе тие се целосно несигурни и целиот свој живот живеат во перцепцијата на другите луѓе за нив. Многу тешко се справуваат со пораз, критика или јавно посочување на нивните дела, поради што често претендираат да се претставуваат онакви какви што не се. Таа потреба да бидат она што не се, на нарцисоидните личности им одзема многу енергија и тоа е вашата предност во комуникација со нив.

Всушност кога гледате нарцисоидна личност, не гледате на нејзината површина која одава впечаток на сигурна и стабилна личност, вие гледате во исцрпен човек кој секојдневно се бори да се прифати себе онаков каков што е и никако не му тргнува од рака, поради што нарцисоидните личности најчесто остануваат инфантилни, индолентни, недораснати, незрели и што е најважно неподготвени да прифатат одговорност за своите постапки.

Нарцисите ќе најдат виновник во секој човек што го познаваат, во животна ситуација, околност, па дури и апстрактни сили и системи, но никогаш нема да ја признаат сопствената вина. Едноставно за нив прифаќање на одговорноста е терет што не можат да го поднесат бидејќи како личности се исклучително психолошки слаби.

Затоа кога комуницирате со нарцисоидна личност покажете и дека сте свесни во намерата да бидете изманипулирани и стојте цврсто до сопствените позиции. На пример, нарцисоидната личност постојано ќе ви прави тестови, ако ја викнете на средба во едно кафуле, ќе се обиде да го смени планот само да биде по волјата на нарцисот. На тој начин тие ги проверуваат сопствените граници и до каде можат да одат во комуникација со вас. Во такви случаи не им попуштајте и држете се строго до своите услови и правила. Доколку не постигнете компромис знајте дека сте успеале затоа што нарцисоидната личност не видела материјал на жртва во вас.

Нарцисоидните личности сметаат дека сите други освен нив имаат вина за нивните погрешни одлуки и постапки. Едноставно тие не се подготвени да ја прифатат сопствената вина и да работат на сопствениот личносен развој. Затоа нарцисоидните личности имаат личност како деца кои сите животни ситуации ги сфаќаат со леснотија, постојано бараат потпора и одговорност од другите и секогаш бараат вина во другите за тоа што нив им се случува во животот.
Техники за комуникација со нарцисоидни личности
  • Додека комуницирате со нив гледајте ги право во очи со доследност, на тој начин покажувате самодоверба и доминација во однос на нив;
  • Иако ќе се трудат да ве натераат на конфликт, не ги прифаќајте нивните прпавила на игра. Ако сакаат конфликт, со многу достоинство и пристојност напуштете го каналот на комуникација и дајте им до знаење дека немате време за трошење на безначајни конфликти;
  • Барајте интерес за нарцисот доколку е неопходно да соработувате со него/неа. Тие во животот се водат исклучиво од својот интерес и се целосно празни. Не барајте од такви луѓе да разберат идеали, морал и херојска животна битка за поголеми правдини, во разговорот со нив истакнете го само нивниот интерес, на тој начин ќе ги натерате да соработуваат.
  • Нарцисите се исплашени луѓе кои другите ги контролираат преку страв. Доколку нарцисот почне да ви се заканува или да ви нанесува штета, тогаш дајте му до знаење дека нема да седите со скрстени раце. Едноставно нарцисоидните личности се плашливи и тие немаат механизам да преживеат пораз. Ако го употребите нивниот камен по нивна глава, нарцисот ќе се повлече.
  • Не покажувајте емоции пред нарцисот, бидејќи секоја емоција може да биде употребена против вас. Обидете се да останете смирени и сталожени во секоја ситуација. Иако нарцисите на секој можен начин ќе се обидат да ве „извадат од такт“ запомнете дека покажувањето емоција пред нарцис ве прави поразен во комуникацијата со нив. Држете се достоинствено и доследно на себе во секоја комуникација со нив.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов