Иако можеби е логична помислата дека поинтелигентните луѓе живеат поздраво и повеќе се грижат за сопственото здравје, неодамнешните истражувања покажуваат дека тоа не е така.
Истражување спроведено од психологот Сатоши Каназава од Лондонската школа за економија и политички науки ги испитуваше карактеристиките и вредностите на луѓето со висока интелигенција. Резултатите покажаа дека поинтелигентните луѓе се залагаат за помодерни, полиберални вредности, а исто така се помалку религиозни од помалку интелигентните луѓе.
Кога станува збор за полиберален начин на живот, истражувањата покажаа дека луѓето со повисок коефициент на интелигенција почесто остануваат будни до доцна навечер и почесто пијат алкохол, иако умерено, отколку луѓето со понизок коефициент на интелигенција. Исто така, тие помалку се вклучени во физички активности.
Сатоши Каназава ги објаснува овие резултати со „теоријата на саваната“, која вели дека луѓето со повисок коефициент на интелигенција подобро се справуваат со ситуациите и настаните во модерниот живот, додека мозокот на помалку паметните луѓе често има проблеми со достигнувањата кои се релативно нови во еволутивна смисла и затоа таквите луѓе живеат поконзервативно.
Како резултат на тоа, помалку интелигентните луѓе пијат помалку алкохол и повеќе се движат. Имено, алкохолот и седентарниот начин на живот, според теоријата на саваната, се резултат на помодерното живеење, па помалку интелигентните луѓе поретко ги практикуваат.