Истражувањето покажа дека 34 отсто од новите родители, кога се враќаат на работното место, најмногу го ценат работодавачот кој има разбирање.

Советувањето, грижа за децата и здравствената или социјалната грижа се на врвот на листата на кариери за кои вработените родители велат дека се најдобри, покажа новото истражување во Велика Британија.

Истражувањето на 2.000 вработени родители на деца на возраст меѓу две и 17 години откри што најчесто бараат родителите кога се враќаат на работа – првенствено работа од дома и флексибилно работно време.

Други индустрии кои им понудија на новите родители задоволителни услови и рамнотежа помеѓу работата и животот вклучуваа работни места во сметководство, управување со настани, човечки ресурси и асистент во настава, пренесува Mirror.

Од друга страна, истражувањата покажаа дека работните места како полицаец, адвокат или новинар се на самото дно на листата на кариери во кои работодавачите се прилагодуваат на младите родители.

Исто така, се покажа дека речиси половина од родителите, 48 отсто од нив, сакаат да работат во средина која е попријатна за семејството, а само 18 отсто мислат дека нивното враќање на работа по раѓањето на детето поминало изненадувачки добро.

Родителите сакаат шеф со разбирање и неработни викенди

Истражувањето покажа дека 34 отсто од новите родители најмногу го ценат работодавачот со разбирање кога се враќаат на работното место, а 40 отсто од нив како важна ставка ги наведуваат добрите односи со колегите на работа. Иако 57 отсто од испитаниците тврдат дека нивните приоритети не се променети откако станале родители, сепак дошло до одредени промени.

Дури 48 отсто од младите родители не сакале повеќе да работат прекувремено откако добиле дете, додека 44 отсто од нив одбиле да работат за време на викендите. Речиси една третина од испитаниците, поточно 31 отсто, целосно ја промениле кариерата.