Адолф Хитлер одел на одмор во Оберзалцберг (Obersalzberg), каде го поставил второто седиште на нацистичката влада. Центарот за документација кој наскоро ќе биде проширен потсетува на темното историско поглавје на тој идиличен планински град.

Оберзалцберг е сместен во импозантниот свет на Баварските Алпи, на 1.000 метри надморска височина. Погледот одозгора е спектакуларен. Го сакал и Адолф Хитлер, кој одморите таму ги минувал од 1923 година, многу пред да влезе во светската историја. Како нормален турист, Хитлер бил „комуникативен човек“, како што подоцна изјави во едно интервју тогашниот сопственик на пансионот во кој престојувал идниот нацистички диктатор и масовен убиец.

Во 1925 година Хитлер изнајмил дрвена куќичка на ова место во близина на австриската граница, каде што го напишал вториот дел од неговиот програмски памфлет „Mein Kampf“ (Мојата борба). Подоцна престојувал и во селската куќа „Вахенфелд“ (Wachenfeld).

Веднаш штом ја освоил власта во 1933 година ја купил истата куќа. Ја пренаменил во луксузниот „Бергхоф“ (Berghof) – панорамски прозорци, подрумски бар, куглана. Околу седиштето е изградена „фирерска област“ од 100 хектари, забранета за обичните смртници.

Куќи таму изградиле и маршалот Херман Геринг, архитектот Алберт Шпер, но и други нацистички големци. Сите поранешни сопственици морале да ја продадат земјата, а оние кои не сакале да го сторат тоа биле носени да размислуваат за тоа во концентрациониот логор Дахау. Местото набрзо станало еден вид нацистичка елитна населба.

Покрај Берлин, летната резиденција станала второто седиште на Адолф Хитлер и неговата владејачка партија. Имала и касарни на СС, административни згради, работилници и подземни бункери. Наскоро во Оберзалцберг почнале да доаѓаат политичари, државници и високи офицери од целиот свет. Таму Хитлер преговарал со британскиот премиер Невил Чембрлен и италијанскиот диктатор Бенито Мусолини.

Во исто време, идиличните пејзажи налик на разгледници му дале можност на Хитлер да се претстави како национален лидер кој ја сака природата. Постојат познати фотографии на кои Хитлер на сончев ден гледа во далечината, милува по главите на русокосите деца, се ракува, седи со својата љубовница Ева Браун на тераса или оди на прошетка со своите волчјаци.

Сето ова може да се најде во Центарот за документација во Оберзалцберг. Поранешната летна резиденција на Хитлер во 1999 година беше претворена во педагошко-историски центар. Сега е проширен со дополнителен простор од 1.000 m².

Оригиналната зграда била дизајнирана за најмногу 40.000 посетители годишно и станала премала за големиот број туристи кои доаѓале во Оберзалцберг. Многумина од нив сакаат да знаат каде точно бил Хитлер, но малку од оригиналните градби останале.

Голем дел од комплексот бил уништен во бомбардирањето на британската авијација на 25 април 1945 година. На 4 мај американските трупи влегле во Берхтесгаден (Berchtesgaden), кој е веднаш под Оберзалцберг. Останале стационирани таму до 1995 година. По заминувањето на Американците, покраината Баварија сакаше да го контролира туризмот што самиот Хитлер го иницираше.

Конкретно, целта беше да се избегне претворање на Оберзалцберг во место за аџилак на екстремните десничари и неонацисти. Одлучено беше да се изгради луксузен хотел и Центар за документација на локалитетот со богата историја, со цел туристичкиот и политичкиот интерес да се насочат во посакуваниот правец.

Магнети за туристи: „Орлово гнездо“ и бункерот
Хотелот „Zum Türken“ (Кај Турчинот) го преживеал бомбардирањето и во 1949 година бил вратен на стариот сопственик, кој го поседувал пред доаѓањето на Хитлер. Хотелот имал дополнително вградени бункери.

Зградата на хотелот не била седиште на Хитлер, како што понекогаш погрешно се тврди, туку била наменета за одред од СС – луѓе задолжени за заштита на Хитлер, а Гештапо повремено престојувал таму. На почетокот на 2021 година хотелот го купи локално семејство, но сѐ уште не се знае каква ќе биде неговата иднина.