Сред сезона на летни одмори, на германските аеродроми владее целосен хаос поради недостиг на персонал, јавуваат германските новински агенции.

Само на аеродромот во Минхен биле депонирани неколку илјади парчиња багаж кои биле изгубени на пат до нивните сопственици.

На најголемиот германски аеродром во Франкфурт бројот на куфери кои не им биле предадени на сопствениците достигна неколку илјади.

Како една од причините, покрај недостигот на персонал, управата на аеродромот во Франкфурт го издвојува и големиот број на задоцнети летови.

Lufthansa, која го опслужува аеродромот во Франкфурт како база, откажа дополнителни летови додека не се смири ситуацијата со натрупаните куфери.

Третиот по големина аеродром во земјата, оној во Диселдорф, не може да го процени бројот на изгубени куфери кои се наоѓаат во магацините на овој западногермански аеродром, туку се повикува на авиокомпаниите, кои водат статистика за изгубениот багаж.

Слична е ситуацијата и со помалите аеродроми како оние во Хамбург, Хановер или Штутгарт, кои во актуелниот период на почетокот на летните одмори во многу сојузни држави се на работ на капацитетот.

  • Се чека со часови

Во меѓувреме, критиките за хаотичната ситуација на германските аеродроми, каде што треба да чекате со часови за да го предадете багажот, како и безбедносните проверки, од авиокомпаниите и аеродромските администрации, делумно беа упатени и кон германската влада.

Министерот за транспорт Фолкер Висинг ги отфрли критиките и рече дека владата одговорила во рок од неколку дена на барањата од туристичката индустрија да издаде привремени дозволи за увоз на работници од Турција, што ќе го намали драстичниот недостиг на работници на германските аеродроми.