Научниците открија нов механизам кој функционира преку имуните клетки и укажува на поинаков начин за лекување на хронична болка.
Женските хормони можат да ја потиснат болката со тоа што ги поттикнуваат имуните клетки во близина на ‘рбетниот мозок да произведуваат опиоиди, велат истражувачите од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско. Естрогенот ги запира сигналите за болка пред да стигнат до мозокот.
Откритието би можело да помогне во развојот на нови третмани за хронична болка. Исто така, може да објасни зошто некои лекови против болки делуваат подобро кај жените отколку кај мажите и зошто жените доживуваат поголема болка по менопаузата.
Студијата открива сосема нова улога на Т-регулаторните имунолошки клетки (T-reg), познати по нивната способност да го намалат воспалението.
Фактот дека има полово зависно влијание врз овие клетки – од естрогенот и прогестеронот – и дека воопшто нема врска со каква било имунолошка функција е многу невообичаено, велат авторите.
Истражувачите ги набљудувале Т-рег клетките во заштитните слоеви околу мозокот и ‘рбетниот мозок на глувците. Досега, научниците сметаа дека овие ткива, познати како менинги, служат само за заштита на централниот нервен систем и елиминирање на отпадните материи. Но таму неодамна беа откриени и Т-рег клетки.
Покажуваме дека имунолошкиот систем ги користи менингите за да комуницира со далечните сензорни неврони на кожата. Не го знаевме тоа порано, велат истражувачите.
Таа комуникација започнува кога невронот, често во близина на кожата, ќе почувствува нешто што може да предизвика болка. Невронот потоа испраќа сигнал до ‘рбетниот мозок. Утврдено е дека менингите околу долниот дел од ‘рбетниот мозок содржат голем број на Т-рег клетки. За да откријат која е нивната функција, истражувачите ги оневозможиле клетките со токсин.