Омикрон, многу заразен сој на коронавирусот што сега е доминантен во САД, го зголемува дневниот број на смртни случаи во споредба со бранот на сојот делта минатата есен, при што смртните случаи веројатно ќе продолжат да растат со денови или дури со недели. Седумдневниот просек за нови смртни случаи дневно од ковид-19 во САД се искачува од средината на ноември, достигна 2.267 во четвртокот и го надмина септемврискиот врв од 2.100, кога делта беше доминантен сој.
Се проценува дека сега омикрон е речиси единствен сој што циркулира низ земјата. И иако предизвикува полесна болест кај повеќето луѓе, фактот што е попренослив значи дека повеќемина се разболуваат и умираат.
Омикронот ќе поттикне над милион смртни случаи. Ќе има многу дискусии за тоа што можевме да направиме поинаку, колку од смртните случаи може да се спречат, вели професор Ендрју Нојмер од Универзитетот Ирвин во Калифорнија.
Просечниот дневен број на смртни случаи сега е на исто ниво како минатиот февруари, кога земјата полека слегуваше од својот историски максимум од 3.300 дневно.
Повеќе Американци сега преземаат мерки на претпазливост отколку пред напливот на омикрон. Но многу луѓе, уморни од кризата, се враќаат на одредено ниво на нормалност со надеж дека вакцинациите или претходните инфекции ќе ги заштитат.
Симптомите на омикрон често се поблаги, а некои заразени немаат симптоми, велат научниците. Но, како и грипот, тој може да биде смртоносен, особено за луѓето кои се постари, имаат други здравствени проблеми или кои се невакцинирани.