Британските научници открија ген кој го удвојува ризикот од смрт од ковид-19, со што дава нов увид во причината зошто некои луѓе се поподложни на оваа болест од другите, а во исто време ова знаење отвора можност за персонализиран пристап на лекување.
Околу 60 отсто од луѓето од јужноазиско потекло имаат таков ген со висок ризик, објавија во петокот научниците од Универзитетот Оксфорд, додавајќи дека откритието делумно го објаснува високиот број на смртни случаи од Ковид во некои британски заедници, но и на индискиот потконтинент.
Научниците откриле дека овој ризик не е поголем поради разликите во генетското кодирање на протеините, туку поради разликите во ДНК што создава еден вид „прекинувач“ и го активира генот.
Овој генетски сигнал веројатно ќе делува на клетките во белите дробови, додека високоризичната верзија на откриениот ген, наречена LZTFL1, најверојатно ќе ги спречи клетките што ги „обложуваат“ дишните патишта и белите дробови да реагираат правилно на вирусот.
Но, високоризичната верзија на генот не влијае на имунолошкиот систем на телото, кој создава антитела за борба против инфекцијата, велат истражувачите.
Тие истакнаа дека луѓето кои ја носат оваа верзија на генот со себе треба нормално да реагираат на достапните вакцини.
– Студијата сугерира дека начинот на кој белите дробови реагираат на инфекција е критичен. Ова е значајно бидејќи повеќето од применетите третмани се фокусирани на промена на начинот на кој имунолошкиот систем реагира на вирусот, рече коавторот на студијата, професорот Џејмс Дејвис.
Резултатите од истражувањето се објавени во стручното списание „Nature Genetics“.