Лушпи од зеленчук и овошје, суви лисја и гранки од дворовите и парковите или пак остатоци од земјоделското производство, овоштарството и лозарството. Сето тоа е биоотпад, кој кај нас завршува на депонија, а во многу држави преставува ресурс. Според статистиките во земјава, биоотпадот учествува со околу 60 отсто од она што го фрлаат домаќинствата и кое најчесто завршува во контејнерите.
Влијанието на овој процес врз животната средина е огромен, се загадуваат почвата, подземните и надземните води, а се испуштаат и стакленички гасови, кои се директно одговорни за климатските промени.
Компостирањето е практика во секоја земја каде што е регулирано управувањето со отпад. Во Европа годишно се произведуваат помеѓу 118 и 138 милиони тони биоотпад, од кои во 2019 година биле компостирани околу 40 отсто. Најмногу, по глава на жител компостираат жителите на Словенија, 320 килограми годишно, а на второ место се Холанѓаните со околу 223 килограми.
Поставување на мали градски компостари во Скопје е една од идеите, за која што се залагаат од Зелен хуман град. Идејата е граѓаните на секоја општина да добијат можност во своја непосредна близина да го одлагаат селектираниот биоотпад.
Експертите сметаат дека идејата за градски компостари е одлична. Сепак, за да се обезбеди правилно компостирање на биоотпадот, тие треба да бидат соодветно и стручно управувани и контролирани од општините или од јавните комунални претпријатија.
На пример, отпад од овошје и зеленчук, лушпи од јајце, суви растенија, ситни суви гранки, струготини од дрвја, сено и слама, свежи лисја и жива ограда може да се компостира, но, остатоци од месо и риба, млечни производи, мртви животни, измет од животни, коски, текстил, пластика, стакло и други неоргански суровини воопшто не се пожелни во компостната смеса.
Компостирањето во мали домашни компостари не е непознато во развиените земји. Добро е што постојат иницијативи за пренесување на овие практики и кај нас, особено заради тоа што на тој начин се намалува импактот врз животната средина и се продолжува векот на депониите.