Градскиот совет во Белград, Србија, донесе одлука, во согласност со временските прилики, но и поради состојбата со енергенсите во светот, да ја одложи грејната сезона во Белград, која требаше да почне вчера на 15 откомври.
Како што рече градоначалникот Александар Шапиќ, Градскиот штаб ги следи состојбите и временската прогноза, па ќе ги извести „Белградските електрани“ кога да почнат со греење.
–Имаме проценки од Хидрометеоролошкиот завод дека следните седум дена температурите ќе бидат сигурно надпросечни кои и не би дозволувале системот за греење за проработи, затоа што веднаш би се блокирал. За да работиме домаќински, мислиме дека е поважно да бидеме сигурни кога навистина ќе биде студено, нашите домови да бидат топли. Со тоа ќе ја намалиме и потрошувачката, вели градоначалникот.
Граѓаните ќе бидат известени кога ќе почне грејната сезона, а тоа сигурно ќе биде до ноември.
Проценките се дека секој ден одложување носи заштеда од неколку милиони евра.