Неодамна ви ги пренесовме ставовите на неколку наши архитекти во врска со уривањето или реконструкцијата на Универзалната Сала во Скопје. Сега ви го пренесуваме и ставот на г-динот Миодраг Радоњиќ – Бато, кој на својот Facebook профил го изјави следново:
„Во врска на најавената дебата за Универзална Сала сакам да го кажам мојот став кој и јавно сум го искажал во дебатната емисија „ Само вистина“ на ТВ Канал 5 во директено соочување со Градоначалникот на Град Скопје г-дин Петре Шилегов. Имено, во дискусијата, Градоначалникот во целост се согласи со мислењето на ААМ и останатата стручна фела како и големото мнозинство на граѓаните на Скопје, дека Универзална Сала како култен објект и како споменик на Солидарност, треба да се задржи, да се реконструира и реновира во нејзиниот изворен облик и намена, при што и потенциташе дека е тоа и негов личен став како граѓанин на Скопје. ДА ГО ДРЖИМЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗА ЗБОР ! Емисијата заврши со заклучок дека нема потреба за било каков референдум и дебати со оглед на јасниот став на големото мнозинство. Оттука сметам дека темата е апсолвирана и дека било какви јавни дебати се непотребни и непродуктивни со бесцелно трошење на време и енергија. Апелирам нашата позитивна енергија да ја усмериме за реализација на заедничката цел со иницијатива и на стручната фела и на граганите. Да побараме и да инсистираме да се изврши проценка на постоечкиот објект( бидејки таква не постои) од сите аспекти ; функција, конструкција, вградени материјали, опрема и др., на основ на што ке се изготви проект за реконструкција и ревитализација од кој ќе произлезе и вредноста , временска рамка и динамика за реализацијата на истата, за што сите ние можеме заеднички да допринесеме.“