Светската здравствена организација (СЗО) објави дека еболата се шири во Демократска Република Конго со речиси 50 регистрирани случаи.
Откако властите ја прогласија епидемијата на 1 јуни, потврдени се 48 случаи во Конго, а за уште тројца постои сомнеж дека се заболени. Вкупно починале 20 лица, изјави експертот на СЗО, Мајк Рајан.
„Ова е многу активно жариште и јас би рекол дека имаме голема причина за загриженост“, рече Рајан пред новинарите.
Тој предупреди дека иако сега бројките се мали, во ерата на Ковид-19 многу е важно да не ги запоставиме другите болести што се појавуваат.
„Во догледно време нема да има враќање во старата нормала. Има уште многу работи за кои треба да се загрижиме“, предупреди тој.
Во моментот светот се справува со една од најсериозните здравствени кризи во изминатите неколку векови која ја предизвика пандемијата од корона вирусот.
Извор: Акцент/ фото: Стандард