Изборната кампања ја тресат „бомби“. Тајни снимки на високи државни, партиски функционери и бизнисмени кои започнаа да експлодираат во 2015, по пет години се уште се детонираат. На последната која се најдоа на „ју тјуб“ се слуша разговор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески Кичеец. Мицкоски ја потврди автентичноста на разговорот, но го обвини СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев за монтажа.
„Тоа е еден разговор. Се сечат и се монтираат парчиња по потреба на СДСМ и Зоран Заев, мислат дека тоа ќе помогне нешто во нивната кампања, во намалување на дебаклот кој што им следи. Јас тоа сум го кажал, практично, тоа што е и таму кажано, дека, да, кога ја преземав ВМРО-ДПМНЕ пред точно 30 месеци, партијата беше во незавидна финансиска ситуација, со блокиран имот“, изјави Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски притоа иронично му се заблагодари на Заев и СДСМ што го потсетиле на разговорот воден кога го презел челното место во партијата.
„Ништо ново нема таму. Тоа јас сум го повторил, ќе кажам уште еднаш, многу пати во минатото. Им благодарам еве што и они овозможија уште еднаш да се слушне целата вистина“, рече Мицкоски.
Заев пак денеска ја исклучи можноста дека „бомбата“ со Мицкоски била фрлена од СДСМ.
„Прво видовме како се снимале состаноци, секакви луѓе и претпоставувам и некои од тие што биле на тие состаноци ги има снимано разговорите и ги има пуштано. Кога Заев поседуваше докази јавно ги објавуваше на транспарентен начин во СДСМ. И секогаш кога ќе поседуваме докази ќе ги објавиме јавно и ќе ги доставиме до институциите на системот“, изјави Зоран Заев, лидер на СДСМ.
Снимката со Мицкоски и Милевски уследи само неколу дена откако беа објавени снимки за екс-директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, на кои се гледа дека прима пари од непознато лице, но и две аудиот снимки, што беше искористено од опозицијата за напад врз политичкиот противник – СДСМ и нивните функционери за поткуп и криминал.
Лидерот на СДСМ денеска пак од првиот полицаец, Наќе Чулев, побара кога веќе го повикал Дончев поради снимката на информативен разговор, да го повика така и Мицкоски.
Извор: telma.com.mk