дома животен стил Зошто не треба да се плашите да бидете „сам против сите“?

Зошто не треба да се плашите да бидете „сам против сите“?

1060
0

Промените во општеството никогаш не ги носеле луѓето кои учествувале во толпа или биле дел од некое стадо.

Во историјата најмногу се споменуваат прогресивни луѓе со конкретно име и презиме, значи индивидуи кои се осмелиле да ги менуваат правилата на игра, а не да играат според нив.

Луѓето кои се групираат имаат потреба да бидат заштитени во групата и се плашат да ја покажат својата индивидуалност бидејќи немаат доволно внатрешна сила да ги бранат и наметнат своите ставови, визии и мислења.

Тие наместо говор во прво лице, најчесто употребуваат општи флоскули, се повикуваат на искуствата на најголемиот број на луѓе или се воспоставуваат како гласот на групата.

Не треба да се плашите да бидете „сам против сите“ бидејќи тоа покажува дека размислувате со својот умствен апарат, го користите потенцијалот за размислување, свесни сте за тоа каква композиција сте и не сте подготвени да ја загрозите својата автентичност и покрај тоа што другите ќе се обидат да ви ја негираат и да ве убедат дека вашата автентичност е погрешна.

Кажувајте го гласно секогаш она што го мислите

Без разлика на тоа кој ќе биде одговорот на публиката, кажете го она што навистина го мислите. Не правете симулации, социјални експерименти и не давајте социјално пожелни одговори. На тој начин сигурно ќе ја изгубите својата личност и ќе се претворите во инструмент поготвен да биде во рацете на секој.

Дозволете си да бидете дрски

Ако препознаете постапки на други луѓе што не ви се допаѓаат, слободно покажете дрскост кон таа личност. Отворено искажете го своето мислење и предочете му ја причината зошто го отстранувате од својот живот.

Останете на својот став, дури и кога сите ви велат дека „не сте во право“

Не постои право или криво во животот, постојат само збир на искуства што се пренесуваат преку одредени воспитни форми.

Не го живејте животот како што некој ви го исцртал, просто тој е многу поразновиден и милијарда правила нема да ви дадат одговор за тоа како да го живеете и што е животот.

Дозволете си грешки, грешките се мултипликација на живот и без нив животот би бил фабрика за досадни модели на живеење.

Учете на своја кожа

Не се штедете од искуства. Се што мислите дека е вредно да го искусите на своја кожа, не го оставајте нереализирано затоа што некој ќе ве советува дека тоа ќе ви даде некаков резултат кој вие не го сакате.

Учете на своето искуство и занемарете ги туѓите совети. Во принцип ни најмудрите и најискусните луѓе не може да предвидат каков ќе биде исходот од одредена одлука бидејќи животот е сосема непредвидлив.