Комисијата без заеднички став за тоа дали треба да се спуштат рампите кон Србија и Косово по влошувањето на состојбата во овие две држави. Ќе ја следат состојбата и повторно ќе дискутираат. Од Владата велат дека ќе ја чекаат препораката на Комисијата бидејќи затварање на граница не смее да биде политичка одлука. На двата гранични премини дневно циркулираат околу десет илајди патници.
Северната граница останува отворена. Рампите нема да се спуштат на граничните премини „Табановце“ и „Блаце“. Комисијата за заразани болести на денешниот состанок не донесе заедничка одлука и затоа нема да достави препорака до Владата за затварање на граничните премини кон Србија и Косово поради влошувањето на епидемиолошката состојба во овие две држави.
Извори од Комисијата велат дека ќе се чекаат дополнителни информации и ќе се следи развојот на настаните во наредните неколку дена пред повторно да се одлучува за евентуално затварање на северната граница.
Техничкиот премиер Оливер Спасовки смета дека затварање на границите не смее да биде политичка одлука и мора да се темели врз препораките на Комисијата.
Според официјалните податоци на надлежните во последните 24 часа на граничните премини кон Србија и Косово, „“Табановце“ и „Блаце“ вкупно 23.600 лица оствариле влез и излез од државата.
На „Табановце“ е регистриран влез и излез на 5.939 македонски државјани, 3.538 српски и 2.341 странски државјани од други земји.
На „Блаце“ пак, влезе и излез оствариле 5.202 македонски државјани, 5.329 косовски и 1.274 државјани на други странски земји.
Нов раст на новозаболени и починати од КОВИД19 во Србија во последните 24 часа е алармантен, но засега македонските граѓани ќе може да патуваат во Србија, барем до реализирање на изборите.
Извор: telma.com.mk