дома животен стил Себичен човек vs. Човек кој држи до себе

Себичен човек vs. Човек кој држи до себе

1369
0

Себичните луѓе се окупирани со себе. Во нив постои доза на инфантилност бидејќи не успеале да го надминат нормалниот психолошки процес на созревање, па емотивно останале идентични со деца на некоја возраст.

Себичниот човек во суштина е слаб и тој постојано има потреба од друг човек, од внимание, од признание, од пофалба, тешко поднесува критики, сака да биде безусловно сакан и почитуван и секој мала забелешка ја доживува трауматично (како впрочем и малите деца).

Често пермутираме два поима – себичен човек и човек кој држи со себе некогаш ги употребуваме како супститути а некогаш имаме погрешна перцепција за тоа како да именуваме со вистинско име одреден облик на однесување.

За разлика од себичниот човек, човек кој држи до себе е зрела и изградена личност која точно знае што сака, а што не. Таа личност има изградено свои навики, принципи и вредности и добро знае да ја препознае границата помеѓу себе и другите.

Во продолжение неколку карактеристики според кои ќе направите демаркација помеѓу себичен човек и човек кој држи до себе:

5 Practices For Treating Others With Dignity And Respect

„Не“ на човек што држи до себе е категорично

Човек кој има свој образ, достоинство и стабилна личност веднаш може да ви каже и да препознае што може да дозволи. Затоа неговото „не“ е категорично и скоро никогаш не е менливо. Ако од човек кој држи до себе побарате нешто да направи, од него веднаш ќе го добиете одговорот што ќе остане ист до крајот.

Тоа е така бидејќи човек кој држи до себе има шема на функционирање и не е пресметлив. Него не го водат моментални ситни интереси, афекти, ниски страсти или моментално расположение.

За разлика од човек кој држи до себе, себичниот е сосема непредвидлив, прави пресметка која е краткорочна и е многу лесно поколеблив.

Себичен човек никогаш не е сигурен во својот одговор

Себичниот човек е како „црна дупка“ што само вшмукува енергија од средината и од другите луѓе и никогаш не е подготвена да „даде нешто свое“. Тоа е така затоа што себичните луѓе немаат себство и сопство.

Себичен човек можете постојано да го прашувате за мислења и одговори, но каков и одговор да даде себичниот човек нема да биде среќен од сопственит одговор.

Најлесно да навредите себичен човек е да му речете – ќе правиме ти како што сакаш. Во тој момент кога ќе ја префрлите целата тежина на одлука кај себичен човек тој останува без тло под нозете и каква и одлука да донесе најмногу од неа ќе е задоволен самиот тој.

Себичен човек се лути, човек кој држи до себе ве разбира

Ниту едно суштество на планетава не може да манифестира повеќе гнев од себичен човек. Ако на себичниот човек не му ги задоволите неговите инфантилни потреби и не одговорите според неговите очекувања ќе наидете на многу осуда, гнев и лутина.

Човек кој држи до себе без разлика на тоа што ќе му одговорите, кажете и како ќе се однесувате, тој е свесен дека вашето однесување е ваша одговорност и не го доживува лично, туку ги согледува длабоките причини за вашето однесување.

Кај него никогаш нема да разбудите негативни емоции што него ќе му ја трујат душата – како гнев и лутина. Тој ќе ве разбере за секоја постапка, но ако одлучи дека треба да се тргне од вас што понастрана тогаш одлуката е конечна и ќе остане непроменлива.

Само себичниот човек може да развие амбивалентни чувства – да се мрази и сака во временски интервал од еден час.

Себичен човек на прв поглед изгледа многу друштвен

Себичен човек сликата за себе ја црпе од други луѓе и тој има потреба постојано од вас да краде – добар збор, гест, пофалба или признание како би се осеќал сигурно и среќно.

Затоа тој сака друштво и постојано е со други луѓе каде и ја темели смислата на своето постоење. На прв поглед себичен човек ќе ви изгледа многу друштвен. Но реалноста е сосема поинаква.

Себичниот човек може да гради релации само на далечина, односно да е друштвен и позитивен само доколку не поминувате многу време со него и не го запознаете подобро.

Тој не може да одржи стабилност ниту со себе, а уште помалку со други луѓе. Тоа е причината зошто често себичниот човек влегува во конфликти, расправи, менува друштва и средини.

За разлика од себичниот, оној што држи до себе можеби ќе е порезервиран кон вас на почетокот, но ако еднаш одлучи да ве пушти во својот живот ќе се труди да ја одржи релацијата со вас на долги патеки. Човекот кој држи до себе не ги разбира другите како предмети, како што такво разбирање има себичниот човек, туку како суштества кои имаат чувства, проблеми, мисли и емоции.

Непознавањето на концептите често пати создава забуни па оној што „држи до себе“ често го нарекуваме егоист. Во суштина постојат разлики кои се мерат во светлносни години помеѓу двата типа на луѓе, единствено е потребно добро да ја познаваме концептуализацијата и типизацијата на профили, карактери и хабитуси.

Магдалена Стојмановиќ

*Авторот е м-р по социолошки науки и дипломиран професор по филозофија