Комуникацијата помеѓу партнерите е најинтимна форма на комуникацја и поради интензитетот, обемот и природата на комуникацијата, парнерите најдобро се познаваат еден со друг.

Тие знаат да го препознаат расположението на партнерот, неговите моментални чувства, знаат што го мачи нивниот партнер, како да го расположат, што нивните партнери најмногу сакаат, а кои работи го плашат, му создаваат непријатност или му се „болни“ точки на партнерот.

Овие знаења партнерите може да ги користат во различни цели, а нивната употреба открива дали сте во здрав и посакуван однос или со партнерот градите абнормален и патолошки однос кој може да донесе многу несакани последици.

  • Во здравите партнерства партнерот знае се за вас, но го користи за да се чувствувате подобро а не полошо

Вашиот партнер точно знае со што може да ве повреди, а со што може да ве расположи или да ве поттикне на конструктивно делување. Во здравите партнерства, партнерите ги користат овие знаења да го „лекуваат“ партнерот од неговите животни порази и повреди, а не да ги продлабочуваат како би ја докажале нивната доминација и контрола над друго човечко суштество.

Доколку вашиот партнер постојано ве потсетува на вашите болни точки, тој има потреба да ве ослаби, а слаби луѓе им се потребни само на луѓе со патолошка потреба да ја докажуваат својата моќ над туѓи порази, а не на свои животни победи и успеси.

  • Во здравите партнерства партнерите не зборуваат за себе пред другите

Во здрави средини партнерите многу добро знаат кој е нивниот партнер, кои се основите на нивното партнерство и нивните заеднички разговори и искуства надвор од очите на другите.

Тие немаат потреба да ги убедуваат другите во „совршеноста“ на нивното партнерство и од нив никогаш нема да слушнете „совети“ како треба да изгледа вашето партнерство. Тие едноставно уживаат во своето и ја почитуваат слободата и интимата на другите парови и поединци.

Се воспоставува дека оние кои изгледаат навидум најсреќни во голема група и пред публика, имаат големи недостатоци во своето партнерство и имаат потреба дури и себе да се убедат дека „живеат среќно и заљубено“. Вистината е далеку од површниот приказ!

  • Во здравите парнетрства најмалку се комуницира со зборови

Партнерите кои трошат голем дел од своето заедничко време за дискусии, докажувања, разговори, наравоученија и сл. се парови кои со партнерот само ја „маскираат“ својата осаменост и нив најверојатно им се потребни – колеги, професионални средини или пријатели за самоафирмација, а не партнери.

Во здравите партнерства, партнерите се синхронизирани и имаат вештина на градење на партнерство поради што не ги трошат ниту своите зборови, ниту своето време во докажување на – тези, хипотези или носење на некои заклучоци.

Здравите партнерства имаат комуникација со допири, а не со зборови. Нивните разговори се секогаш полни со комплименти кон другиот, со пофалби за изглед, дело, личност или труд кај партнерот, а начинот на кој ги кажуваат забелешките е секогаш полн со почит кон партнерот и со сомнеж кон сопствениот пристап.

  • Партнерите во здрави врски не го поставуваат мислењето на трето лице за нивниот партнер како најрелевантно

Ако доживеете од партнерот да ви пренесува мислење на негови или ваши блиски луѓе за вас кои се со девалвирачка содржина, тогаш најверојатно вашиот партнер не бара сојузник во вас, туку во другите луѓе против вас.

Во здравите врски партнерите не го земаат за релевантно мислењето на трети лица за нивниот парнер, а уште помалку го „пренесуваат тоа на партнерот“.

Доколку се соочите со партнер кој сака да ви наметне слика за вас користејќи мислења од трети луѓе за вас и вашата врска, веројатно сте во врска со личност со искривени сфаќања за партнерството и личност на која му треба птица во златен кафез а не рамноправна личност.

Таков партнер советувајте го да купи милениче и заминете што поскоро од таа токсична средина.

  • Среќни парови прават многу работи заедно

Партнери во здрава врска ќе ги видите како заедно го уредуваат домот, имаат заедничко хоби, работат на заеднички проект, заедно ги прават најголемите глупости и лудории, но и највосхитувачките работи.

Секој од партнерите има време и за себе и за свои активности, кои веројатно се разликуваат кај секој од нас бидејќи никој не е идентичен со другиот, но тие имаат потреба да минуваат голем дел од денот заедно, па така и ги синхронизираат своите активности.

Ако партнерите земаат се повеќе време за себе и го исклучуваат партнерот од нивните активности, тоа само значи дека се наоѓаат во несреќна врска и дека непријатноста од присуството на партнерот ги тера на „бегство“ од заедничка средина.

  • Партнерите најчесто го памтат мирисот или допирот на својот партнер, а не негова реченица, јавен настап, проект, кола или сметка во банка

Во здраво партнерство, партнерите се поврзани со партнерот преку „учење со условен рефлекс“ што значи дека го паметат партнерот по негови – гримаси, насмевка, поглед, мирис, допири и сл.

Ако партнерството можете да го раскажете со зборови – од типот го сакам или ја сакам затоа што убаво зборува, е многу паметна, има отменост, успешен е во својата работа или други причини, тогаш веројатно не сте со вашиот партнер заради него, туку ве предизвикува идејата за тоа со што тој се поврзува – професионално, каква перцепција има општеството за него, некоја негова карактеристика која ја идеализирате и сл.

Нездравите врски најчесто завршуваат со – болести, телесни повреди, или создавање на девијантни поединци од партнеството (агресивни, алкохоличари, комарџии и сл.). Најбезбедно е прекинување на нездравото партнерство што поскоро.

На крајот од краевите подобро е да сте сами отколку со погрешен партнер. Партнерството не е цел само по себе. Тоа е цел само доколку е здраво партнерство кое произведува – среќни, исполнети и здрави поединци.

Магдалена Стојмановиќ