Константин Качев е академски сликар кој е добро познат на македонската, но и на светската јавност по своето творештво. Неговите изложби и дела предизвикуваат интерес кај публиката, но и помеѓу стручната фела која со бројни рецензии и критики пристапува кон неговите дела.

Константин Качев во интервјуто за „Мој збор“ ги открива своите позиции во однос на сликарството и неговите специфики во однос на другите убави уметности, положбата на уметникот во современото општество, новите предизвици на демаркирање на уметничкото од неуметничкото, учеството на техниката и талентот во сликарството и важноста на авторството во творештвото.

Интегрално интервју на Качев за „Мој збор“ во продолжение:

  • Се чини дека во сликарството најбрзо се антиципираат промените во уметноста. Особено преминот на „миметичка“ кон „концептуална уметност“ најдобро се препознава во ликовните дела на сликарите од XX ти век. Дали тоа несомнено покажува дека сликата, ликот, ликовното појавување е доминантен јазик и спознавателна алатка со која располага човечкиот род воопшто?

-Не само во сликарството. Тоа може да се проследи и во литературата, музиката… Сликарите од 20-от век се повеќе се “достапни“ за јавноста благодарејќи на МЕДИУМИТЕ (фотографијата исто)  и нивниот брз развој. На почетокот на 20 век на медиумите им се дава огромно значење (НОВ медиум, новина, брзо достапна за пошироката јавност), и поради тоа настаните од тоа време се побрзо допираат до публиката. Затоа се мисли (или поточно се добива впечаток) дека сликарите од почетокот на 20 век се нешто…експлозивно, нешто ново… Да, така е од едната страна. Но од друга страна-обострано сите напредни медиуми во тоа време придонесуваат и за меѓусебна побогата и побрза комуникација. На тоа “обостраното“ се базира наглиот “пораст“ на визуелната уметност, а со тоа и во зхивописот, што е логично и нормално.

  • Маљевич покажа дека уметноста „бега“ од своите традиционални просторни и идејни форми на прикажување. Дали тоа значи дека уметноста само бара нови начини да се прикаже или дека во ова доба уметноста не е дел од нашите животи, изрази и творечки експресии?

-Не само Маљевич, имало и други сликари кои така и останале заборавени и несфатени од тоа време. Мaљевич по мое-се нашол во право време на вистинско место. И импресионистите, и фовистите, експресионистите и авангардистите-сите тие покажале и докажале дека уметноста треба да бара нови начини на изразување, да се менува и обликува. А воедно, самото дело на уметникот-колку повеќе соодветствува со сегашноста (да не подразбираме “реалноста“), со нашето секојдневие, колку самиот уметник е поедноставен и поискрен со ликовниот образ низ кој што сака да го долови “сегашниот свет“-толку делото е поуспешно. Така да јас би рекол дека е обратно-УМЕТНОСТА Е СЕКОГАШ ДЕЛ ОД НАШЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ, само прикажано на различни начини.

  • Кој во современото општество одредува што е, а што не е уметност? Дали се тоа академиите, критичарите и разни други институции кои ја негуваат уметноста или сметаш дека ова е хибридно доба за уметноста и дека секој артефакт се прикажува како одреден тип на уметност, па така немаме критериум за демаркирање на уметничкото од неуметничкото?

-Скокотливо прашање за историчарите, но не и за мене. КОЈ одредува-не знам. И по правило не треба да има некој таков, зашто самата позиција на таква одредница е сама по себе…глупа и неоправдана. Тоа е исто како да има некојкој што ќе одредува кој човек е ЧОВЕК, УБАВ или сл…, а кој НЕ Е.

Академиците, критичарите, аналитичарите можат само да помогнат во изнаоѓање на некои правилни (и тоа е дискутабилно нели) правци или анализи, спрема кои би можеле да се насочат гледачите или уметниците…

Поготово во сегашно време, во секојдневна “убитачна красноречивост“ на адвокатите-секое некакво ВИЗУЕЛНО прикажување може да се прогласи за уметничко дело. На пример неодамнешното “прикажување“ на празните ѕидови (мислам дека е во Њу Јорк), под слоган “Невидливата уметност“…Поголем дебилизам не може да се смисли. Тоа е исто како да купите скапа книга со празни страници, да се вика “Невидливиот роман…“ , или да купите за 50 евра ЦД со ТИШИНА на него… или да појдете во тетар и да го гледате диригентот како мавта во тишина на “Невидливиот балет“ или “Глува симфонија“или уште некоја друга глупост …

Така да ГЛАВНИОТ критериум го поставува и означува САМОТО ДЕЛО. Вистинско дело.

  • Колку е важна приказната и пораката за тебе што сакаш да ја пренесеш преку сликарството или сепак даваш предност на формата, стилот, композицијата, техниката?

-Многу важна, бидејќи сликарството за мене-е моето живеење и постоење во современиот свет. Останатото е менливо-приоритет на форма, композиција или стилот. Да, се менуваат правилата, уметникот самиот ги чувствува промените и не треба да бега од тоа туку да се судри со предизвикот. Тоа го дава резултатот-судирот помеѓу две нешта. Помеѓу непокорот и … светот кој те опкружува. Парадокс? Да, може би, но така е.

  • Колку сликарството е „мајсторство и талент“, а колку е „умување, доживување и создавање нови димензии“?

-Тоа зависи од самиот уметник. Или седиш по кафани и мудруваш (не велам дека се глупи или неписмени, не. Тоа се претежно начитани и луѓе со богати знаења) или нонстоп работиш, експериментираш и го добиваш резултатот на кој што ДРУГИ ЌЕ МУДРУВААТ.

  • Може ли да постои слика без автор и која е уметничката вредност на таа слика доколку постои?

-И целиот Универзум е нечие творение, но не знам чие е. Авторот може да е без име, непознат, но е АВТОР. Се дуго е силикон и празна слама…

Интервјуто го спроведоа: Магдалена Стојмановиќ и Миодраг Константинов