Комуникациските способности се вештина која се гради со многу образование, вежби и време.

Добри комуникациски вештини се барана лична способност за да добиете одреден тип на работа, а се чини дека скоро и да не постои работа која може да ја работите без да воспоставите добра комуникација барем со колегите, ако не работите со клиенти.

Комуникациските способности не се учат преку ноќ, но постојат неколку начела на добра комуникација која треба да ги имате на ум кога треба да искомуницирате:

  • Бидете свои 

Јасно и гласно изразувајте ги своите ставови, мислења, без да претерувате со наметнување или да го зборувате секогаш тоа што го мислите ако немате расположена публика.

Во комуникација е од суштинско значење да бидете свои, да не се трудите премногу да бидете допадливи бидејќи тоа само ве инхибира и ги оттрга другите од вас и секако да бидете ненаметливи.

  • Сослушувајте ги другите

Не прекинувајте ги другите во пола реченица и никако немојте да дополнувате или потврдувате додека некој зборува.

Со тоа се ставате во лидерска позиција во комуникација, а никој не сака да учествува во комуникација што не е рамноправна и има само еден што го доживува разговорот како самопромовирачко шоу.

  • Бидете директни и недвосмислени 

На тој начин и вие ќе бидете на чисто со себе и другите со вас.

Убаво е да им дадете на луѓето до знаење што мислите околу некоја нивна постапка, дело или тип на однесување кое го покажале.

Можеби на почетокот тоа нема да им се допадне, ама тоа само ќе ве ослободи од луѓе кои не може да поднесат критика.

Со искреност, ќе ги натерате неискрените сами да се дистанцираат од вас.

  • Не се расправајте 

Колку и да ви се спротиставени ставовите со некој, не влегувајте во бесмислени расправи кои водат во ќорсокак и од кои не можете да извлечете ама баш никаков заклучок.

Доволно е да го искажете вашето мислење, ако некој се труди да ве опонира дајте му простор, но не повторувајте и не продлабочувајте.

Останете на својот став цврсто и не дозволувајте некој да го запоседнува вашиот личен простор.

Оставете ги тврдоглавите да бидат тврдоглави

Нема среќа во човек кој не е подготвен да учи. Неговата мака му е доволно голема со самото тоа што е тврдоглав, немој и вие да му стоите на маката.

Оставете го да верува дури и во заблуди, бидејќи вашите укази нема да го опаметат, ќе го направат само потврдокорен, а на вас ќе се собере целиот животен гнев од несреќите на дотичниот или дотичната.

Кога ќе видите дека некој е тврдоглав веднаш повлечете се или напуштете ја арената за борба.

Оставете ги луѓето, сами и автономно да дојдат до некои заклучоци, животот е доволно разнолик и суров да не научи на сите лекции.

Автор: Стојмановиќ Магдалена