Емилија Златкова – Анастасова е македонска писателка која долги години се занимава со издавачка дејност. Основач е на издавачката куќа „Збор“ и континуирано работи на унапредување на читателската дејност во Македонија, срдечно споделувајќи ги своите рецензии, книжевни коментари и препораки.

Книгата „Новогодишна ноќ“ е препознаена како омилена од читателите на порталот „Мој збор“ за 2021 година

Емилија е авторка на книгите: „Каде е Емили“, „Детето во снегот“, „Неверство“, како и „Новогодишната ноќ“ кој е најбаран наслов за 2021 година според статистиката од читателите на порталот „Мој збор“.

Во ексклузивното интервју за „Мој збор“ Емилија открива како успева да биде писател, издавач и книжар во исто време, како го оценува тековите во книжевноста, кој се може да се декларира за писател, за отсуство на критериуми, хиперпродукција и какви вештини треба да има добар писател.

 

 

  • Во време кога од книжевноста доминира капиталистичката, а не уметничката вредности и кога едно книжевно дело вреди онолку колку што е продавано (бестселер) или лукративно, ти со својот ентузијазам и искрена вљубеност во книгите, книжевноста, уметноста и пишаниот збор на некој начин преку својата издавачка и книжарска работа пркосиш на тие новонастанати состојби во книжевноста. Како е да се биде писател, издавач и книжар истовремено или што би кажале популарно one woman show?

Златкова-Анастасова: Многу интересно. Тоа е нешто што го сакам, што ми е пасија, нешто што мислам дека вреди и за што треба да се посветам.

А јас кога се посветувам на нешто, никогаш не се посветувам половично, или сум целосно во тоа или не сум. Има тежок дел, ама пак кога работиш нешто што го сакаш не и даваш значење на тешкотијата.

Само би сакала да имам малку повеќе време за да ги правам сите работи што сакам да ги правам.

  • Покрај тоа што си плоден писател и издавач, постојано си опкружена со книгите и како читател. Според тебе има ли вистина во верувањето дека: „Посветениот читател е иден писател“?

Златкова-Анастасова: Посветен читатели има потенцијал да стане писател, но не е само читањето предуслов за некој да стане писател.

Јас обратно би рекла, не секој кој чита може да стане писател, но секој кој е или сака да стане писател мора многу да чита. Некој одамна помудар од мене ми рече: „Ако сакаш да пишуваш, мораш стопати повеќе од напишаното да читаш.“

Јас тоа го применувам во мојот живот.

Многу пати имам слушнато од автори „Немам време да читам, зашто пишувам.“ Мислам е многу погрешно – тој што пишува, напоредно секогаш и (треба да) чита.

  • Како носиш одлука што е тоа што треба да го издадеш? По кој критериум се водиш – публика, книжевна критика, наградувани дела или едноставно она што тебе ти се допаѓа и сакаш да го пренесеш во читателскиот етер?

Златкова-Анастасова: Знаете, не знам за другите автори, но јас покрај тоа што сакам да им пренесам на читателите некоја интересна приказна, која ќе им го држи вниманието, преку одредени книги сакам и да им пренесам „некоја порака“, соодветно на општественото опкружување во моментот.

Пример во „Неверство“… Многу пати луѓето пишуваат статуси „никој не е верен“, „нема вистински пријател“… Но, прашањето кое треба да се постави е „Дали јас сум пријател?“ „Дали јас сум верен?“ Само така ќе се променат нештата.

И така, независно од приказната – пронајдена е мртва жена и се бара исчезнато дете – се обидувам да го наметнам прашањето за верноста, а не неверноста.

Тоа е одлучувачки фактор што ќе објавам, што мислам дека е потребно во моментот што најполезно можам да им го дадам на читателите кои ги читаат моите книги.

  • Сметаш ли дека преголемиот избор на книги кој се нуди во книжарниците и библиотеките им создава проблем на читателите во смисла на преширок избор на книги кој не е филтриран, прашање на добар вкус или одреден критериум, па со самото тоа читателите понекогаш губат време и во избор и читање на дела кои немаат некоја дидактичка, едукативна, па ни хедонистичка вредност, освен што имаат пазарна и се добро маркетиншки пласирани на читателите?

Златкова-Анастасова: Да така е, има многу книги… Од една страна тоа е добро, што има многу книги и секој има избор да чита што сака, но од друга има читатели кои се токму така збунети – што да читаат.

И книгите се исто и како сè друго моментално – која е најпопуларна, која е најактуелна – тоа сите читаат.

Е сега тоа не е секогаш па и најдоброто, обично најпопуларно е тоа што има најдобар маркетинг. И без намера да навредам некој, но сè помалку се такви книги со дидактичка или едукативна вредност (како што е случај со анимираните филмови за деца – јас имав проблем додека беа помали моите деца да им најдам дидактички и едукативни цртани филмови).

Некој луѓе велат дека книгата не мора да има вакви вредности, дека е едноставно за опуштање и релаксирање.

Во ред е да е така, но не треба книгата да биде само со хедонистичка вредност, постојат толку нешта кои ни се пружени како телесни уживања, но уметноста и книгата како една од нив е она што единствено може да ја нахрани нашата душа.

Па исто е и како телесната храна – ако јадеме само слатки и чоколади нема да се развиваме добро и здраво. Така е и со книгите во случајов – дали здраво ни ја хранат душата?

  • На полиците од книжарите се чини дека посебно и големо место се одделува за т.н non-fiction литература. Колку таа има врска со книжевноста и дали жанрот денеска е во криза?

Златкова-Анастасова: Според мене е во ред да има non-fiction литература, но за мене важно е прашањето кој ја пишува таа литература и колкав му е кредибилитетот и компетентноста за пишување ваква литература.

Многу популарно е пишување книги за самопомош, но не баш секој е компетентен да напише такви книги. Јас ако некогаш многу истражувам за некој автор е токму во врска со овие книги – колку тој автор е образован да дискутира т.е. пишува за дадената тема.

Едно среќно семејство по многу години престој во Германија, за Нова година се враќа во Македонија, родната земја на сопругот. Кога ќе влезат во Македонија им се случува страшна сообраќајна несреќа. Жената е најтешко повредена, се буди од кома после 6 месеци. Но, со будењето од кома почнува кошмарот за неа – ја бара мала шестгодишна ќерка, но никој не знае ништо за неа. Сопругот и роднините тврдат дека никогаш немала дете, дека од Германија дошле само мажот и жената. Но, жената е сигурна дека девојчето не е само плод на нејзината фантазија.

Дали фантазијата на жената го создала девојчето толку реално или станува збор за нешто друго? Ако девојчето реално постои зошто сопругот и роднините го негираат тоа? Или семејството не било толку искрено среќно и постоеле проблеми?

Резиме за книгата „Новогодишна ноќ“ од Емилија Златкова – Анастасова

  • Се чини дека детската литература исто така е во изобилие низ книжарниците, мотивот за тоа е што таа „добро“ се продава. Издавачите и книжарите имаат побарувачка од детската литература поради што и понуда на производи за деца (како и во другите дејности) е значително поголема. Што е со детската литература? Дали децата воопшто имаат изградено позиција за тоа што е добра или лоша книга за деца (потребна или непотребна) и колку родителите внимателно ги филтрираат содржините кои нивните деца ги читаат, разгледуваат, консултираат… и дали доволно ја проверуваат компетентноста – етичка или стручна на авторите на детски книги?

Златкова-Анастасова: Ова е добро прашање. Како што спомнав погоре за анимираните филмови исто е и со книгите.

Можеби јас сум старомодна за некој, ама јас додека моите деца беа мали, па и сè уште ги филтрирам книгите кои ќе им паднат во раце.

Знаете, колку и да изгледа сè толку наивно, „па тоа е само книга“, не е така.

Книгата го формира умот на децата и нивното размислување па и верување, а на возрасните делува на умот и го менува.

Тоа е така, колку и да ние сме свесни или не за тоа. А овде кога велам верување, не мислам само на религиозното верување, кое за мене ми е многу важно, но тоа е друга тема, за друга прилика.

Но, мислам на верувања за нештата околу нас – за животот, за тоа кои сме, што сме, како функционира светот.

А сите тие нешта го дефинираат нашиот живот. Ние како возрасни со тек не време стануваме зрели за можеме да филтрираме (помалку или повеќе), но децата тоа не го можат, во времето во кое им се развива умот, па и издавачите, но најмногу родителите треба да имаат одговорност како го хранат умот на детето – па тоа се нашите деца, нашата иднина, од нас зависи каква насока ќе им дадеме.

Не е само да се заработи, а тоа не е тајна – ако сакаш да ти успее бизнисот, продавај нешто за деца – загарантиран е успех.

Јас не сум за заработка, врз основа на нечија штета.

Во однос на прашањето колку се проверува – не знам да одговорам.

Ама се сеќавам пред неколку години кога мојот син беше второ или трето одделение имаа лектира, од која мене желудникот ми реагираше, а потоа јас вечерта не можев да заспијам.

Не само што не беше дидактичка и едукативна, но според мене и беше и штетна.

Разговарав со наставничката и објаснив дека јас нема да дозволам моето дете да ја чита. Бев изненадена што никој друг родител не реагираше.

Наставничката објасни дека од училиштето е во програма, но ќе зборува со службата. Јас продолжив да истражувам и открив дека лектирата „по грешка“ била воведена во лектири и за тоа колку разбрав никој не признаваше чија грешка е, но дека потоа е повлечена од задолжителни лектири.

Јас бев шокирана! Повлечена, ама некој ја провлекуваше – зошто? Знаеме, зошто.

Истото се случува и моментално со учебниците по македонски јазик – има толку несоодветни „творби“. Зошто? Ова е важно прашање кое треба да не заинтригира сите нас.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ

ИЗВОРМој збор
претходниот член,Сојуз на синдикати: Работодавецот мора да ги покрие трошоците за хранарина и за работниците кои работат од дома
Следната статијаКружи „неразумна“ идејата дека луѓето треба намерно да се заразуваат со омикрон за да стекнат имунитет!

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде