дома прашуваме други колумна Шовинизам и борба против шовинизмот

Шовинизам и борба против шовинизмот

837
0

Шовинистичките коментари се секојдневна средба на една просечна жена.

Без разлика на тоа дали тие потекуваат од семејството, работата, училиштето, универзитетот и други средини каде што жената го поминува своето време секојдневно, тие секогаш имаат ист ефект врз перцепцијата на жената кон себе.

Шовинистичките коментари во себе кријат намера и мотив – да се девалвира, омаловажи и понижи една жена не врз база на нејзините лични и индивидуални карактеристики, туку врз база на нејзина прирпадност во еден пол што е секако тешко променлив факт.

Половата припадност, барем во најголем број на случаи (со исклучок на транссексуалните лица) е припадност која не се базира на доброволен избор на нејзиниот носител, затоа понекогаш шовинистичките коментари придонесуваат жената да се чувствува „заработена во својот пол“, „обесправена“, „да го мрази фактот што е жена“ и секако да го смета тоа како судбина која има за цел да ја казни и тоа ни помалку ни повеќе туку за некоја грешка од нејзините претходни животи (метафизика, емпириски невозможна претпоставка).

Шовинистичките коментари не се дело само на мажи, туку и на жени со вкоренети патријархални сфаќања кои себе се штитат од суровоста на машките шовинистички коментари со тоа што обединето напаѓаат се што отстапува од патријархалната парадигма на сфаќање и однесување.

Шовинистичките коментари се воедно најчесто сексистички, односно ја навредуваат жената врз база на нејзините сексуални карактеристики. При тоа, почетната позиција на шовинистите е длабоко вкоренетата претстава во колективната свест дека жената треба да има статус на божица или светица и дека сексуално слободна жена е девијација или гревност.

Жената се изедначува со „Дева Марија“ за која постои верување дека го родила Исус без да зачне телесно, односно дека Светиот Дух се населил во нејзината утроба без контакт. Таа претстава која повеќе има симболички карактер, длабоко го детерминирала сфаќањето на жената во христијанството. Тоа што мајката на Исус е девица го детерминира идеалот за жена во христијанските сфаќања.

Поради тоа телесниот контакт се разбира како „валкање на природата“ на жената, која требала да остане чиста и чедна, а доколку и постои сексуален контакт тој да е строго моногамен – ограничен на бракот и само со еден партнер.

Овие интерпретирања на женската сексуалност доминирале со години и биле конзервирани во патријархалните општества, а само поради должината на нивното задржување на овие простори и нивното масовно прифаќање, се сметаат како апсолутна вистина.

Реалноста е дека тие сфаќања имаат толку врска со вистината како и изгледотот на 100 пати повторена лага која почнува да се третира како вистина.

Сексот во нашата средина се уште е табу и покрај тоа што се прават напори да се воведе посебен образовен курикулум за заштита на сексуалното и репродуктивното здравје.

Долгиот период во задржувањето на патријархалните концепти ја направило жената срамежлива во откривање на својата сексуалност, а секоја сексуална конотација во која таа се споменува ја третира како „загрозување на нејзиниот углед и чест“.

Поради тоа што жена и секс во иста реченица е синоним за „жена со валкана чест и морал“ жените се плашат да не бидат предмет на озборувања, да не бидат конотирани како лесни жени или жени со проблематичен морал и сл.

Шовинистите успеале да ги убедат жените во лагата дека жена и секс во иста реченица е јасна алузија на моралот на конкретна жена, па продолжуваат да прават терори, насилства и омаловажување на оние жени кои не се покоруваат на нивните правила на игра.

Најлицемерниот дел од приказната е што шовинистите отворено зборуваат за својата или машката сексуалност нетретирајќи ја притоа сексуалност како „гревност“, но вешто манипулираат со стравот и срамот на оние жени кои успеале да ги убедат во спротивното.

Против шовинизам се бори со негово целосно демаскирање. Жените треба да престанат да го третираат сексот како „табу“, да не се плашат дека ќе бидат осудени доколку се слободни во покажување на својата сексуалност, отворено да укажуваат на тоа дека зад машкиот говор полн со осуда кон жените се крие сексуално суштество полно со сексуални фрустрации и емоционални набоии поради неканализирана емоција и човечка природа која е неменлива и иста за сите без разлика дали станува збор за машко или за женско тело.

Секако сексуалната артикулација е прашање на личен избор и таа секогаш треба да е индивидуална, а не проблематична само за еден пол. Ако некој е неморален или промискуитетен е еднакво индикативно и за маж и за жена. Не може жената да биде „лесно морална“ а мажот да биде тронизиран за исти дејства.

Моралот не зависи од вашите карактеристики и хабитуси како припадник на еден пол, туку од вашите конкретни дејства. Метриката на неморалност се согледува во актот, а не во личноста која носи колективна припадност. Како што и срамот треба да биде поединечен, а не колективен. Никој не го носи туѓиот срам затоа што припаѓаат по некоја случајност на истиот колективитет, а таквата заблуда е извор на многу манипулации и животни несреќи!

Магдалена Стојмановиќ