Еден ден по прославата на 11 Oктомври- Денот на востанието на Македонија (против бугарскиот фашистички окупатор), по протоколарните честитки што се родија во кабинетите на првите луѓе во државата и секако партиските лидери, стигна и честитката од првиот заменик на Заев и министер за политички систем и односи со заедниците, мојот омилен лик од редовите на ДУИ, тепачот од Кале, Артан Груби.

Груби се разбира не падна во делириум заради комунистичкиот празник, туку директно ни порача дека сите ние кои се буниме за рамковните вработувања во администрацијата сме најобични магариња. Магариња сме затоа што дозволивме таков еден лик како него да биде министер и дури прв заменик на премиерот (колку и небулозна во случајот да е таа позиција). Магариња сме затоа што сме се заинатиле да зборуваме и да пишуваме против феноменот да не се оди на работа, а да се прима плата. Магариња сме затоа што додека трубиме насекаде колку Бугарите немаат сенс за нашите етнички чувства, на етничка база во Македонија се добиваат работни места и не само тоа, заради својата посебна етничка припадност 1350 луѓе (кои не се криви за ништо во случајот) веќе долги години се наоѓаат на платните списоци во државната администрација, а во истото време дури не знаат каде им е работното место и не го ни виделе.

Оваа лудост со рамковните вработувања нема да заврши. Груби ни порача дека вработените не може да бидат избркани, дури и да не сакаат да одат на работа. Тоа чудо го има само во Македонија, таквите плати можат со своите даноци само македонските граѓани да плаќаат. Повеќето од нив се горди на востанијата од 1903 и 1941, ама никако да востанат против таа глупост. ДУИ е посакуван партнер од сите. Никој не смее да им зуцне. Ахмети може да прави што сака и Груби тоа јавно и без срам ни го кажува. Магариња, џабе се инаетите, треба посебен закон за да тргнат рамковните на работа. А тие луѓе ни криви ни дужни ги претворија во мастика за гимнастика на вилиците на еден куп експерти, политичари и најобични зевзеци.

Дали Лидија Димова, откако ќе ја заврши својата пресметка со колегата Ландов, ќе додели пари и за обука за работа со магариња и на макро ниво? Цела Македонија е населена со заинатени магариња. Како со нив, знае главниот предавач и тренер Артан Груби. Не може туку така да им дадеме отказни решенија на „рамковните“. Треба посебен закон! Па што правевте досега господа, зошто не го скоцкавте тој посебен закон, чии одредби ќе бидат задолжителни за сите инволвирани? До кога тие 1350 луѓе ќе бидат привилигирани и воедно со тоа искористувани за дневно-политички цели?

Имам едно прашање и до еден дел од македонската интелектуална елита, гледам во последно време ептен се активизиравте да се навраќате во минатото, ама само до таму до каде што ви одговара. Минато со Бугарија ни е само окупацијата нели и секако комунистичкиот договор за останките на Гоце, друго минато немаме. Некој напиша ли збор два за изјавата на Груби? Барем некаква реакција да видев на загрижен за сегашноста и иднината на Македонија. За татарите сите знаеме дека биле окупатори и дека за разлика од Италијанците, колеле и силувале по список.

Колумната на Атанас Величков за Трибуна, целата содржина прочитајте ја тука